Курти во САД побарал Бондстил да стане постојана воена база на Косово

од Nikola Popovski

За време на престојот во САД, косовскиот премиер Албин Курти побарал воениот камп на американските припадници на КФОР, Бондстил да стане постојана американска воена база на Косово, соопштија од неговиот кабинет.

Курти веќе две недели е во официјална посета на САД, а во изминатите два дена оствари завршни средби со американски претставници во Вашингтон.

Вчера одржал средби со конгресмени, со кои најмногу разговараше за слични теми – руската инвазија на Украина, влијанието на таа војна врз Западен Балкан, албанската дијаспора во Америка и американската поддршка на полето на економијата, инвестициите и безбедност.

Тој вчера имал средба и со конгресменот Мондер Џонс, кој, како што соопшти косовската влада, е еден од водечките гласови на американскиот Конгрес за поддршка на прогресивните промени.

Покрај инвестициите, со него разговарал и за безбедноста, како и за „опасноста што ја има руското влијание на Западен Балкан“.

-Како и на претходните средби, тој првенствено зборуваше за „заканата за регионот, која може да дојде од воениот сојуз на Србија и Русија“, пишува КоССев.

Според тоа, како што понатаму наведува владата во Приштина, тој денеска посочи дека е неопходно да се „демилитаризира копнениот појас“ кај Косово. Тој навел дека Србија таму има воспоставено вкупно 48 „офанзивни оперативни бази“.

Дополнително, на оваа средба тој побарал американскиот воен камп Бондстил, кој се наоѓа на Косово, да стане постојана воена база на САД.

Во соопштението на косовската влада не е наведено што рекол соговорникот на Курти на средбата.

Слични содржини