Косовскиот премиер Албин Курти реагираше на експлозијата што се случи денеска кај езерото Газивода, оценувајќи дека „Србија и нејзините пријателски кругови станале агресивни поради губењето на влијанието“ во тој дел на Косово.
Како што објави тој на Фејсбук, според сознанијата на Косовската полиција, денеска околу 14 часот и 30 минути на главниот пат кон езерото Газовода, на северот на Косово, едно или повеќе непознати лица фрлиле рачна бомба, при што биле оштетени два паркирани автомобили, од кои едниот со локални, а другиот со американски регистарски таблички.
Тој додал дека надлежните полициски единици се на лице место и вршат увид.
„Србија и одредени за неа поволни кругови не ја пофалија нормалноста создадена во тој дел од нашата земја. Губејќи го влијанието во оваа област, нервозата станува агресивна. Дури и разни криминални групи, повеќе или помалку поврзани со тоа, ја изгубија можноста за огромни придобивки што ги имаа повеќе од две децении од ослободувањето на Косово и тоа е за нив болно и тешко да го прифатат. Но, нема друг начин. Владеењето на правото и јавниот ред, безбедноста и мирот се основните вредности и заеднички интереси на општеството и граѓаните заедно со државата Косово“, нагласил Курти.
Според него, нема сомнеж дека безбедносните институции „ќе го откријат актерот или актерите на овој криминален напад и ќе ги изведат пред лицето на правдата“.
„Овој дел, како и сите други делови на нашата земја, со својот потенцијал и убавина ќе го користат сите граѓани без разлика“, порачал косовскиот премиер.