Курти застана во одбрана на ВЛЕН и порача: Не е во наш интерес С.Македонија да биде дел од Отворен Балкан

од Nikola Popovski
422 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти, коментирајќи ги албанско-македонските односи, истакнал дека не е во интерес на Косово, Северна Македонија да биде дел од Отворен Балкан, туку да реализира стратешки договори и проекти со Приштина, како што е изградбата на тунелот Призрен-Тетово.

Косовскиот премиер изјавил дека Косово има целосна поддршка од актуелната македонска влада за изградба на тунел што ќе го поврзува Призрен со Тетово, пренесува „Газета експрес“.

„Верувам дека Косово и Северна Македонија имаат многу добри односи како две земји кои се ориентирани кон демократскиот Запад. Северна Македонија е исто така членка на НАТО и во исто време соработуваме на многу полиња, како резултат на договорите што ги склучивме. Нашиот примарен интерес е патот Призрен-Тетово. Знаете како се вели дека имало град на небото, но кога паднал на земја, Шар Планина го поделила на два дела Призрен и Тетово и сега сакаме да ги поврземе со тунел и во тоа ја имаме целосната поддршка од Владата на Северна Македонија“, рекол Курти во интервју за Албанско-американски културен центар „Струга“ во САД, за време на неговиот престој во Њујорк.

За претходната влада составена од СДСМ и ДУИ, Курти вели дека „на почетокот беше многу добронамерна“, но потоа „не функционирала“ кога Македонија стана активна во Отворен Балкан.

„Претходната влада на Северна Македонија првично беше многу добронамерна. Одржавме заеднички состанок во септември 2021 година, но потоа не успеа и Северна Македонија стана активна на Отворен Балкан. Затоа имаме голем интерес Северна Македонија од една страна да не биде дел од иницијативата, а од друга страна да биде што поактивни за што поскоро спроведување на заедничкиот договор за оската Призрен-Тетово“, истакнал Курти.

Тој застанал во одбрана на коалицијата ВЛЕН и изразил уверување дека интересите на Албанците во Македонија не се загрозени.

„Сега се во коалиција со албанските партии, со албанската коалиција. Меѓу нив е и еден пратеник од движењето „Самоопределување“, член на движењето „Самоопределување“, Беким Ќоку од Струга и мораме да им дадеме време да се консолидираат во влада. Не верувам дека се загрозени достигнувањата на Албанците, но верувам дека се настојува не толку доброто наследство што го нашле на власт да им се припише на оние што го нашле, а не на оние што го создале“, оцени Курти.

Слични содржини