Премиерот на Косово, Албин Курти, повтори дека е против формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), наведувајќи дека оваа заедница „би била држава на Србија во рамките на Косово“.
„Тие (Белград) би сакале Косово да не биде држава, тие би сакале Заедница на српски општини што би била држава на Србија во рамките на Косово. Нивната цел е деструктивна, тие не сакаат ништо за косовските Срби, туку сакаат нешто против нас“, смета Курти.
Тој во интервју за „N1 BiH“ вели дека Белград го сака ЗСО со цел Косово да не функционира.
Курти рече и дека поради „горчливото искуство“ од Босна и Херцеговина, Приштина нема да дозволи формирање на Заедница на српски општини бидејќи Приштина не сака Србија да го „копира моделот“ на Република Српска.
„За нормализација на односите треба да имаме взаемно признавање во центарот на договорот. Ако Белград каже дека тоа нема да се случи, тогаш тие се против договорот. Косово нема да дозволи Република Српска внатре во Косово, а ние знаеме многу добро дека тоа го сака Србија. Имаме горко искуство од БиХ и многу внимаваме Србија да не го копира тој модел на Косово“, рече Курти.
Тој рече и дека договорот меѓу Приштина и Белград нема да биде лесен, но дека треба да се даде шанса на дијалогот.
На прашањето зошто вели дека договорот ќе се постигне до пролет, тој одговара дека „пролетта е доволен период за конечно нормализирање на односите, доколку имаме добра волја“.