Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна дека постои трослојна безбедносна мрежа во одбраната од повторување на мигрантската криза во 2015 година, која предвидува дека, доколку мигрантите ја пробијат грчката граница, тие ќе бидат запрени на Западен Балкан, објави „Алџезира Балканс“.

„Постои трослојна мрежа. Првата е дека грчката влада, за разлика од порано, е одлучна во одбраната на надворешните граници на ЕУ. Ние сме во близок контакт со пријателите од Западен Балкан и тие се подготвени, во случај на пробивање на грчката граница, да ја заштитат својата територија и да не дозволат пропуштање на мигрантите. Третото е дека министерот за внатрешни работи е подготвен да ја заштити австриската граница од пробивот на мигрантите. На тој начин ќе спречиме нова мигрантска криза како онаа во 2015 година “, изјави Курц во интервју за виенскиот дневен весник „Кронен Цајтунг“, пренесува Танјуг.
Без право на азил
Според австрискиот канцелар сега е најважно на Грција да и се даде што е можно поголема поддршка и ЕУ да испрати јасна порака дека нема да дозволи „уцени од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган“.
Курц тврди дека сегашната состојба не е случајност, туку свесен, организиран „напад на Турција“.
Тој ги повика Европејците кои зборуваат за потребата да се заштитат надворешните граници да не потклекнат на притисоците на Ердоган и да и пружат поддршка на Грција затоа што таа сега го прави она што го бараа – ја штити надворешната граница на ЕУ.
Тој истакна дека ЕУ мора да испрати јасна порака дека нема право на азил за лица кои не се во опасност и додаде дека многу од оние што моментно се наоѓаат на турско-грчката граница не доаѓаат од Сирија, туку со години живеат во Турција, каде што не се загрозени.