
Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека коронавирусот „влегува во Австрија со автомобил“.
„Вирусот се шири, пред сè, преку луѓето кои се враќаат од одмор, особено од Хрватска“, рече Курц во разговорот со новинарите.
Според него, тоа е причината поради која Австрија донесе одлука да издаде предупредување за патување во Хрватска, што ќе стапи на сила на полноќ.
Курц истакна дека за сите оние што се вратиле од Хрватска во Австрија од 7 август, односно кои се враќаат до полноќ, постои можност за бесплатно тестирање, и апелираше до граѓаните да ја искористат таа можност.
Поради загрижувачкиот развој во земјите од Западен Балкан, Курц побара зголемени контроли на здравствените власти на границите, поради што разговараше со провинциските власти и министерот за здравство, Рудолф Аншобер.
Тој изјави дека младите сочинуваат најголем број пациенти, дека обично се асимптоматски и дури не забележуваат дека се заразени.
„На тој начин, тие ги заразуваат членовите на семејството и ги загрозуваат старите лица“, предупреди Курц.