„Размената на знаења и зајакнување на институционалниот капацитет се од витално значење за ефикасно штитење на државните граници и финансиските интереси на државата, олеснување на трговијата и развој на економијата преку градење на служби базирани на знаење”, истакна директорката Славица Кутиров на настан по повод одбележување на Светскиот ден на Царината под мотото „Негување на следните генерации: Промовирање култура на споделување знаења и професионална гордост на царината”.
На настанот Царинската управа додели сертификати на Светската царинска организација за посебни заслуги на царински службеници, претставници на царински застапници, како и на вработени во владини и меѓународни институции кои активно придонесуваат во подигнувањето на институционалните капацитети преку споделувања знаења и искуства.
„Преку менаџмент базиран на споделувања знаења вложуваме во градењето на човечкиот капитал, како и во градењето модерна институција. На овој начин ги охрабруваме младите вработени, но и искусните, да го постигнат она што го можат најдобро. Нивните заложби се видливи во минатогодишните резултати при што беа постигнати зголемени приходи за 15 проценти, но и двоен раст на случаите на заплени, како и нови ИТ системи со што се овозможи олеснување на трговијата како клучен аспект во зголемување на конкурентноста на компаниите”, истакна директорката Кутиров.
Следејќи го мотото на овогодинешната тема на СЦО за споделувања знаења, директорката Кутиров, на настанот информираше дека годинава во фокус ќе биде градењето на човечките капацитети преку реализација на бројни обуки од различни области од царинското работење, пред сè наменети за помладите царински службеници.
Воедно, во Царинската управа во рамки на Регионалниот центар за обука, во партнерство со Економскиот факултет ќе продолжат да се одржуваат напредни обуки за царинските службеници со користење на современ систем за виртуелно учење, обезбеден од Светската царинска организација со поддршка на Царинската служба на Кореја.