По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека пожарите се поврзуваат со опозицијата, од СДСМ денеска рекоа дека власта отишла чекор подалеку и тврди дека СДСМ ги подметнува пожарите. Според портпаролката на СДСМ, ова е „апсурд кој не се памети“.
-Ако навистина веруваат во такво нешто, тогаш дали и во општините каде градоначалници се од СДСМ – каде пожарите беснеат – пожарите се подметнати од блиски на ВМРО-ДПМНЕ, прашува Богданка Кузеска.
Со вакви нелогични и навредливи тврдења, додава таа, ВМРО-ДПМНЕ покажува двојна неспособност – прво затоа што не успева да се справи со пожарите и штетите, и второ затоа што нивните безбедносни служби, ако навистина веруваат во подметнување, не откриле ништо навремено.
-Ова е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ: кога не знаат како да се справат со криза, кога не знаат како да управуваат со системот, кога не знаат како да ги намалат штетите, секогаш обвинуваат некој друг – во овој случај СДСМ. Ја потсетуваме јавноста дека СДСМ постапуваше одговорно и конструктивно – во Собранието ги повлековме сите амандмани и поднесовме само два: едниот за трагедијата во Кочани, другиот за подобрување на системот за справување со пожарите. Тоа се предлози кои можат да помогнат веднаш, кажа Кузеска на прес-конференција.
Претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски рече дека она што се случуваше околу Скопје со пожарите, воопшто не беше случајно, туку очигледно цел од една организирана акција на лица кои не му мислат добро ниту на Скопје, ниту на Македонија. Тој, како што вели, институциите реагираа за пожарите и приведоа неколку лица, дел од кои се поврзуваат и со опозицијата, и се дури и нејзини функционери.
-Дали целта беше да се создаде хаос во Скопје? И дали затоа веднаш по избивањето на пожарите се вклучи СДС и до нив блиски чинители со соопштенија и коментари? Тргна ли опозицијата во организирана акција за искористување на пожарите во политички наратив, праша пратеникот.