Откако скандалот кој го најави СДСМ се потврди, денес е време власта да почне да одговара на клучните прашања кои ги засегаат и земјоделците и јавноста, но и време е конечно да видиме оставка од Трипуновски кој три дена се крие од јавноста, рече на денешната прес-конференција портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа додава дека јавноста и граѓаните треба да знаат дека ИПАРД средствата кои се сега суспендирани се додлеуваат како 50% грант за земјоделците, а 50% тие сами обезбедуваат за секој проект. Ова значи дека сите оние кои досега веќе започнале со инвестицијата веќе вложиле свои средства или средства од кредити за половина инвестиција а сега остантите 50% заради корупцијата на власта нема да им бидат исплатени и не се знае кога и дали ќе бидат воопшто исплатени, вели Кузеска.
„Прво прашање што мора да го одговори итно власта е: Колку корисници веќе имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкоски тие се оштетени?
За на јавноста да и биде јасно, ваквите суспензии може да траат две до три години а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи. Ова е страшен удар за македонското земјоделство и развојот на државата! Ова е срам нанесен во европкските институции и на меѓународната сцена.
Само за потсетување, во периодот од седум години кога СДСМ ја водеше програмата, ИПАРД беше „најуспешната приказна во државата“ со 2.369 реализирани инвестиции и целосна искористеност на европските средства“, истакна Кузеска.
Портпаролката рече дека ова што денес се случува на секое поле е резултат на партизација, клиентелизам и злоупотреби за кои од првиот ден зборуваме. Сѐ што ДПМНЕ ветуваше како поддршка за земјоделството, сега се претвора во неизвесност и ризик.
СДСМ бара:
– Итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со програмата IPARD, бројот на корисници и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата.
– Итна оставка од Трипуновски и сите назначени лица кои биле дел од овој процес кои може да бидат компромитирани, потенцираше Кузеска.