Кузеска бара одговори од Тошковски: Дали Росица му праќала пораки да моли за помош, а тој ја игнорирал?

Кузеска: Во јавноста се појавија пораки од Росица наводно испратени до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во кои таа зборува за нејзиниот страв и очајно бара помош

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: СДСМ

„Очајно ми треба помош” – напишала младата Росица пред насилникот да и го одземе животот. Во јавноста се појавија пораки од Росица наводно испратени до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во кои таа зборува за нејзиниот страв и очајно бара помош. „Сѐ надевам дека пишувам на право место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација. Човекот кој од декември наваму, ме демне, ме тепа, ми нанесува друг вид на насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сеуште на слобода“, пишува во пораката која наводно е испратена до министерот Тошковски – ова денеска го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Кузеска го прашува Тошковски дали ваквата порака стигнала до него пред 5 месеци.

-Прашуваме, бидејќи наводно во оваа порака на Росица е објаснета нејзината целосна голгота низ институциите, името на обвинителот, но и тоа дека на човекот кој ја уби Росица и покрај сите терори кои ги трпела и ги пријавила уредно, стои дека пасошот му е вратен од страна на МВР. “Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин” напишала Росица. Прашуваме уште еднаш, дали е ова точно, праша портпаролката.

Според Кузеска, ниту еден коментар од, како што вели, послушниците на власта не можат да ја намалат сериозноста на непостапувањето на институциите да го спасат животот на оваа млада жена.

-Ниту Миленко Неделковски, ниту било кој од власта, кој се обидува да ја префрла топката еден на друг. Каде во оваа држава човек треба и може да се обрати доколку му се закануваат по живот? Доколку го тепаат, му палат автомобил? Каде може да пријави една жена за да знае дека таа и најблиските ќе бидат сигурни? Убиството на Росица не смее да биде заборавено, потенцира портпаролката.

На социјалните мрежи се сподели фотографија од пораката, но на неа недостигаат три цифри од бројот на примачот, што не овозможува потврда дека е испратена токму до министерот. Исто така, од фотографијата не може да се утврди ниту точниот датум на испраќање. Во пораката стои драматично сведоштво во кое Росица наведува дека со месеци трпела насилство, закани, силување и дека пред само пет дена пред наводното испраќање, нејзиниот возилото било запалено.

Слични содржини