Кузеска: Без одобрение од кумашините на Мицкоски не се пуштала ниту една исплата на парите од ИПАРД програмите

„Скандалот со ИПАРД води до врвот на власта, дали Панкерот и кумовските врски на Мицкоски се под истрага“, прашуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
31 прегледи

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска објави информации кои, како што вели, отвораат сериозни сомнежи дека мега скандалот со корупцијата во ИПАРД фондовите води директно до врвот во власта. Според неа, повеќе од јасно е дека овој скандал не е изолиран случај, туку само ја потврдува системската корупција која ВМРО-ДПМНЕ ја воспоставило во Платежната агенција.

Кузеска вели дека „тоа не е изненадување, туку историјата не учи дека секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, секој скандал или злоупотреба е со амин на раководство на партијата“.

-Имено, Илија Стоилев додека ја вршел функцијата Директорт на Агенцијата за финансиска поддршка, бил и активен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе.

Она што е интересно е дека Стоилев е близок пријател на Игор Миќев викан Панкерот кој пак е во кумска односно кумашинска врска со премиерот Христијан Мицкоски.

Од информациите кои ги добиваме од свиркачи, вработени во Министерството за земјоделие, токму Панкерот, кумот на Христијан Мицкоски, се однесувал деспотски во министерството вршејќи притисоци врз вработените за распределба на средства за субвенции и концесии.

Од она што е доставено до нас од овие свиркачи токму кумот на Мицкоски се споменува како можен главен задолжен за сите криминални шеми и притисоци во министерството, информира Кузеска.

За ситуацијата да биде уште посериозна, додава портпаролката, кумата на Мицкоски и сопруга на Панкерот е вработена во Агенцијата за финансиска поддршка од каде, како што вели, според информациите кои се доставени до нас, без нејзино одобрение не се пуштала ниту една исплата на парите од ИПАРД програмите.

-Денес Христијан Мицкоски директно треба да одговори: дали под истрага се и неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви? Дали имало провизии и дали дел од провизиите завршувало кај него или во ВМРО-ДПМНЕ?

СДСМ објавуваше изминатата година дека во во Агенцијата се случува буквално кражба, рекет и мито на секој чекор, но сега тоа излезе на виделина. Дали оваа шема на испумпување пари била начин за финансирање на Мицкоски и партијата?

Понатаму, дали и колку пари од субвенции се испрани или е побарано мито за да бидат исплатени? Дали кумот на Мицкоски бил човекот кој вршел рекет врз земјоделците преку негови луѓе во Агенцијјата за финансиска поддршка?

Бараме истрагата за овој случај одма да биде проширена од страна на обвинителството. Бараме да се истражат сите други злоупотреби кои се случувале во агенцијата и во сектор земјоделие за кои укажувавме дека е едно од најкорумпираните сектори откако ДПМНЕ дојде на власт, посочи Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата.