Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите. Со вчерашната изјава премиерот потврди дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен, рече денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска по барањето на нејзината партија за декласификација на документите поврзани со наводното прислушување.
Kузеска прашува „од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење?“.
-Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизаиција на државата, се дел од прашањата од партијата од „Бихаќка“.
Собранието за утре ја закажа седницата на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност, а пратениците најавија посета на инсититуцијата.
Во јавноста има бурни реакции откако беше обелоденето дека актуелниот премиер Мицкоски бил следен од АНБ додека бил во опозиција, а биле прислушувани и новинари. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Обвинителството да истражи по чиј налог бил следен Мицкоски.