Кузеска го осуди недоличниот коментар за Силјановска Давкова

од Nikola Popovski
313 прегледи

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска која е дел од изборниот штаб на претседателот Стево Пендаровски, се огласи на социјалните мрежи откако беше прозвана за реакција по искажана навреда кон кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова на митинг во Куманово.

-По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај, истакна Кузеска.

Портпаролката го осуди недоличниот речник на еден од присутните граѓани.

-Коментарот е недоличен, навредлив и го осудувам. Ниту претседателот Пендаровски ниту јас не го поддржуваме коментарот, додаде Кузеска.

Поддржувач на Пендаровски на микрофон пред присутните искажа навреди кон Силјановска Давкова кои се однесуваат на нејзината возраст.

-Од баба небеса не бива. Ако сакате да имате држава и претседател, ова е човекот, изјави еден од присутните граѓани на митингот во Куманово.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнуваат дека на изнесените сексистички навреди кон Силјановска Давкова никој не реагирал.

-Уште пред да почне кампањата кажав дека нема да ме изненади малициозноста на СДС и дека нема да покажат ништо ново. Најостро ги осудувам сексистичките навреди кон кандидатката за претседател професорката Гордана Силјановска Давкова кои беа искажани од активист на нивниот митинг во Куманово, пред целокупната јавност, во присуство на Пендаровски.  Колешке Кузеска, ја слушнавте навредата и со насмевка на лицето го земавте микрофонот, па се прашувам како прво Ви дојде да кажете “мислам дека тоа е се” наместо да осудите? Разочарувачки, многу неочекувано дека како жена нема прва да замолите да ги оставиме навредите на страна. Но, власт во заминување е најстрашна и најлоша власт, изгубен ви е компасот, порача портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Слични содржини