СДСМ демантира дека директорот на АНБ, Бојан Христовски добил НАТО сертификат. Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ова е намерна манипулација за да се одбегнат одговорите на суштинските прашања а тоа е дали Христовски воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција.
-Прво, проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР. Постапката е јасно дефинирана: институцијата каде што работи лицето доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по што се спроведуваат потребните проверки.
А тие проверки за цивилни лица ги спроведуваат АНБ и МВР а не НАТО. Значи во случајот со Бојан Христовски, токму АНБ каде што тој е именуван за диркетор поднела барање и токму АНБ спровела безбедноста проверка на својот директор. Ова ја открива целата манипулација на власта, рече Кузеска на прес-конференција.
Неодамна Христовски потврди дека проверките кои започнале пред Нова година се завршени и дека добил позитивно мислење од сите потребни институции.
-Можам да потврдам дека е обезбедено позитивно мислење за издавање на НАТО безбедносен сертификат, а сето тоа согласно процедурата во која се инволвирани повеќе институции. Процесот на проверки започна пред околу 2 месеци, а заврши пред десетина дена, рече тој.
За НАТО сертификатот на Христовски, се огласи и Оливер Андонов, професор на Факултетот за безбедност.
„Бојан Христовски беше именуван за директор на АНБ без да има безбедносен сертификат на ниво ‘државна тајна’ , поради што АНБ официјално мораше да поднесе барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) за да побара да му се издаде. Во спротивно лице без соодветен безбедносен сертификат не може да извршува определена функција (а Бојанчо наш ја извршуваше и го прекрши законот).
Во Македонија безбедносните сертификати на сите нивоа ги издава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, но истата тоа го прави по поднесено барање од страна на институцијата во која се наоѓа лицето на кое треба да му се издаде безбедносен сертификат. По добивањето на барањето од институцијата (во случајот на Христовски тоа е АНБ чии директор е самиот тој), ДБКИ доставува барање за безбедносна и криминална проверка до АНБ и МВР. Да, да, до АНБ, бидејќи по закон АНБ врши безбедносни проверки за лица македонски државјани, а во овој случај извршила проверки за својот директор. Интересна работа, Бојанчо сам за себе го потпишал документот од АНБ до ДБКИ во кои се тврди дека е безбедносно подобен. По извршените проверки, доколку истите се позитивни, ДБКИ издава соодветен безбедносен сертификат на лицето за кое тој сертификат е баран со ограничено времетраење за институцијата во која работи истото“, објави тој на социјалните мрежи.
Во минатото поголем број функционери од Македонија беа одбиени за ваков сертификат од страна на НАТО.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) неодамна констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност. На седницата на 24-ти декември, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.