СДСМ продолжи со обвинувањата до власта дека се прават партиски чистки и се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции во безбедносните институции. Партијата повторно го спомена случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски. Според СДСМ, „додека јавноста чека разрешница за лажните сертификати за познавање англиски јазик се отвори и прашањето дали и факултетската диплома на Христовски е соодветна“.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција обелодени дека Советот за граѓански надзор на комуникациите е пред сериозна опасност да стане параван за нови злоупотреби.
-За претседател на Советот е предложен Илче Димовски – долгогодишен партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ. Илче е Претседател на УМС Битола и секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола.
Следен е Стојанче Рибарев, член на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Рибарев е добро познат во јавноста како поранешен судија, разрешен поради злоупотреби во правосудниот систем, познат како спасител на Никола Груевски од притвор во 2017 година. Сега треба да веруваме дека истиот тој Рибарев, ќе ги штити граѓаните од злоупотреби и ќе спречи повторување на скандалозното масовно прислушување од времето на Груевски? Нема шанси.
За член на Советот е предложен и Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и актуелен советник во советот од ДПМНЕ. Тука е и Никола Затуровски – долгогодишен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кажа Кузеска.
Советот врши надзор по сопствена иницијатива и по претставка од граѓани, на пример, ако граѓанин се сомнева дека е прислушуван. Советот има право да влезе во ОТА и кај другите органи за да изврши граѓанска контрола и тоа да го направи по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин. Претходниот состав на Советот никогаш не профункционира и членовите поднесоа оставка бидејќи не им беа обезбедени финансии за да функционираат.
Рибарев во јули 2021 година беше разрешен од судиската функција, поради тоа што правел злоупотреби во електронскиот систем за самостојна распределба на судски предмети, местел предмети за висока корупција против поранешни високи функционери и друго, додека бил в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје и ги правеше распоредите на судии.