Кузеска: Му е гајле на Мицкоски за граѓаните – во Србија веќе поевтинија над 700 производи

од Nikola Popovski
43 прегледи

Од СДСМ го критикуваат фактот што се уште доцни предлогот за замрзнување на цените на дел од производите или за ограничување на висината на маржата. Според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, ваквите најави покажуваат дека „владата на Мицкоски нема економски концепт и не се грижи за стандардот на граѓаните“.

Кузеска истакнува дека „му е гајле на премиерот за граѓаните“.

-Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно.

Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените а платите продолжија да растат. Во Србија на пример поевтинија над 700 производи.

Кај нас Владата на Мицкоски доцни и мачка очи со цени на моливи и фломастери која исто така беше задоцнета мерка. Со вакви погрешни, катастрофални економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа, рече портпаролката на СДСМ.

Иако една недела од Владата најавуваа дека на утрешната седница ќе ја предложат есенската кошница во која треба да се најдат околу 100 производи чии цени треба или да се замрзнат или да им се ограничат маржите, денеска премиерот соопшти дека прво ќе се разговара со сите засегнати страни, па потоа ќе се носи одлука. Смета дека есенската кошничка, што се најавува со овој предлог на Министерството за економија и труд, не е задоцнета затоа што есента сè уште не е почната.

Владата веќе најави дека вакви мерки ќе има и за божиќна, велигденска и рамазанска кошница.

Од стопанските комори предупредуваат дека ваквите ад хок мерки може да поттикнат дополнителна инфлација.

Владата веќе одлучи да ги замрзне цените на дел од училишниот прибор, а тие ќе бидат со ограничени маржи до 20-ти октомври.

Граѓаните очекуваат сериозна интервенција во намалување на цените на основните продукти.

Слични содржини