Кузеска: Нема правда за Кочани со селективни апсења и жртвени јагниња

од Nikola Popovski
50 прегледи

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска обвини дека односот на власта кон трагенцијата во Кочани ја покажува самиот премиер Христијан Мицкоски кој, како што вели, ги етикетира оние луѓе коишто бараат правда односно најблиските од семејствата на загинатите млади луѓе во дискотеката „Пулс“.

„Нема правда за Кочани, власта не е испорачува никаква правда туку заштита за своите. Тоа го видовме. Дел од заштитените кои биле началници во исто време гледаме дека биле и дел од изборниот штаб на ВМОР-ДПМНЕ. Сите оние други коишто биле инволвирани се под заштита на Мицкоски. Тоа не е правда, тоа е неправда“.

Според Кузеска, селективни апсења и жртвени јагниња не се правда.

Правда, како што вели, ќе има кога ќе има истраги и одговорности за оние кои денес се под закрила на премиерот а се друго сметаат во СДСМ дека е замајување на јавноста и бегање од одговорноста којашто ја имаат директно функционери коишто се блиски, односно се дел од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквиот став на партијата следува откако денеска беше обелоденето дека 30 дена притвор доби Александар Нацев, човекот за кого Oбвинителството соопшти дека е вистински сопственик на агенцијата „Рубикон“, којашто ја обезбедувала дискотеката. Основниот суд во Кочани го прифатил барањето на Обвинителството за одредување ефективен притвор.

Обвинителството го сомничи Нацев дека го обезбедувал објектот без да има склучено договор, дека не ги регистрирал недостатоците во дискотеката „Пулс“, дозволил присуство на малолетници, како и внесување и употреба на пиротехнички средства во дискотеката.

Нацев е универзитетски професор и член на ВМРО-ДПМНЕ.