Портпаролката на СДСМ, Богдана Кузеска, го честиташе формирањето на новата одговорна и транспарентна Влада посветена на интересите на граѓаните и државата.
Постигнат е коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ втемелен на силни принципи и поделба на одговорности во новата Влада предводена од СДСМ и претседателот Зоран Заев, која во полн, четиригодишен мандат ќе испорача резултати пред граѓаните. Квалитетни, чесни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи коалицискиот договор Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, а исклучок ќе бидат вицепремиерските места. Силна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, да се дава поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции“, соопшти Кузеска.
Од партијата велат дека се посветени на неселективна борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа и дека дека борбата со коронавирусот ќе остане врвен приоритет на јавното здравство.
„Меѓу коалиционите партнери, постои сериозна посветеност приоритетно да ги спроведуваме сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија. Пржинскиот модел на техничка влада 100 дена пред избори, ќе биде укината преку измени во Законот за Влада. Активно ќе работиме на реализација на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20%, со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги. Овие заемно прифатливи принципи стануваат дел од новата владина програма, програма која целосно ќе го следи патот исцртан со членството во НАТО, патот определен со Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквост“, кажа на денешната прес-конференција Кузеска.