Кузеска: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судскиот совет

од Nikola Popovski
68 прегледи

Скандалозен е изборот на Данка Ристова за нов член на Судскиот совет. Избарана е сопруга на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш, Ацо Ристов, обвинија денеска од СДСМ. Според најголемата опозициска партија, ова се партиски инсталации во судството и потенцираат дека партијата на власт истото го правеше и порано.

-Наместо реформи гледаме бртална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип се нови членови на Судскиот совет, соопшти вчера претседателот на Комисијата за спроведување на избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, Субхи Јакупи, соопштувајќи ги прелиминарните резултати од денешните избори кои се одвиваа од 8 до 15 часот во изборните места во сите судови ширум земјава.

Довчерашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева како една од причините за својата неотповиклива оставка го наведе и политичкиот притисок врз СС од страна на владеачката гарнитура и премиерот Христијан Мицкоски.

„И кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта, и на разно разни начини, претседателот на владата и политичарите од владеачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес службата изразуваат негативен став спрема Судскиот Совет, спрема членови на Советот, но, најпоразително од се -е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството, и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот Совет на РС Македонија“, истакна Дамева во своето обраќање на почетокот на месецов.

Мицкоски досега неколку пати повтори дека не се не се откажува од изборното ветување за реформа во правосудството со распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Апелираше и до експертската јавност да достави предлог за тоа како да се зголеми довербата кај граѓаните во судството и порача дека доколку нема предлози и по неколку месеци, тогаш заклучокот би бил дека тие намерно штитат институции кои не се способни да гарантираат владеење на правото.

Слични содржини