Кузеска: Тошковски го штити Наим Рамука, новиот началник за гранични работи Север, „логистиката“ на Гаши и свадбарите

од Илинка Илиоска
42 прегледи

„Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука, новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, кој заради наводна контрола, дошол на граничниот премин за да го обезбеди поминувањето без контрола сватовите на Гаши“, соопшти денеска не прес конференција Богдандка Кузеска, портпаролката на СДСМ.

Кузеска истакна дека „под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и пропустите на граничниот премин Блаце. Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа.

„Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола“, беше истакнато на прес конференцијата.

Затоа, рече Кузеска, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот кривец и извршител во скандалот.

„Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот кој го обивнува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север“, укажуваат од СДСМ.

Од СДСМ прашуваат зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го „мести“ раководителот на смена? Дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе кои си ја работат работата? До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли конечно Тошковски оставка?

Според СДСМ, ова е голем скандал кој не значи само тешка злоупотреба на граничниот премин, туку и своеволие, прекршување на законите и потенцијлно направени кривични дела кои допрва треба да се истражуваат.

„Безбедноста на границите ни е нарушена а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ВЛЕН и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО. Време е за одговорност, онаму каде што вистински е лоцирана, почнувајќи од министерот Тошковски па се до крај“, беше потенцирано на пресот.

СДСМ прашува уште колку вакви примери има на злоупотреби, за пропуштање на возила и лица на граничниот премин без контрола и затоа упатија неколку барања.

Бараме целосно да се декласифицираат и да се објават снимките од граничниот премин Блаце за време на целиот ден.

Граѓаните да видат кој се поминал без контрола но и да се види дали и други возила се пропуштаат на граничниот премин Блаце.

Според СДСМ, тоа ќе биде основа и за истражните органи да постапуваат.

Од оваа партија побараа Тошковски да си даде оставка, затоа што, според СДСМ, на тој начин ќе остави простор истражните органи, Јавното обвинителство, во транспрентна постапка и без притисок да ја утврди одговорноста на сите инволвирани во овој голем скандал.

Третото барање на СДСМ е апел до ОЈО да отвори детална истрага и овој скандал да има разрешница затоа што секој што го прекршил законот мора да одговара, порачаа од партијата.

Слични содржини