Кузеска за Божиновска: Лично да ѝ каже на јавноста дали има бугарска самосвест

од Nikola Popovski
55 прегледи

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска го коментираше ставот на министерката Сања Божиновска околу нејзиното наводно бугарско државјанство. Според Кузеска, како се чувствува Божиновска и дали има бугарска самосвест не е прашање за адвокатите, туку таа лично треба да ѝ каже на јавноста дали има бугарска самосвест.

Кузеска бара од министерката да не ја лаже и манпулира јавноста.

-Божиновска е на висока функција во македонската Влада и го должи овој одговор до јавноста, токму и поради односите со Бугарија, рече портпаролката на СДСМ, додавајќи дека Божиновска должи одговори и за „долгот на нејзините фирми од 1 милион евра“.

Пред два дена министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше прашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.

„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам. Ќе морам да се консултирам со адвокати, тие ја водат оваа процедура. Тоа беше многу одамна. Не го водев јас процесот, туку адвокатска канцеларија“, одговори министерката на прес-конференција во Владата, запрашана дали се уште има бугарска самосвест.

Неодамна гостувајќи во подкаст, Божиновска рече дека се откажала од бугарското државјанство.

„Во еден период од животот како и многу македонци сум имала бугарски пасош. Мислам дека сум една од ретките што се откажала од бугарското државјанство и немам повеќе валидна патничка исправа ниту лична карта. Имам и чешки пасош и никој не прашува зошто имам чешки пасош“, кажа министерката.

Според дополнителните проверки, таа побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на 2023 и процедурата не е завршена, што значи дека сè уште е бугарска државјанка. Неколку месеци откако побарала отпуст од бугарско државјанство, Божиновска во февруари годинава стана членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

За бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.

Слични содржини