Кузеска за наводното прислушување: Мицкоски зборува едно, Христовски го демантира – кој овде лаже?

Доколку АНБ не направи декласификација, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злупотреба, вели портпаролката на СДСМ

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: СДСМ

СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот што власта се обиде да го претстави како наводна афера за прислушкување. Oсобено по контрадикторните изјави на Мицкоски и Христовски. Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго: дека станува збор за „прибирање информации за таргетирани лица“. Кој овде лаже, прашува денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, не може да се нафрлаат само изјави во јавноста без докази да им се приложат на граѓаните. Кузеска посочува дека овој случај мора да биде целосно достапен на јавноста за да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните служби.

-Доколку АНБ тоа не го направи, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злупотреба. Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со некакви дронови, со обиди за поткуп од странски компании на премиерот и низа други измислени приказни кои завршија без никакви докази и без разрешница, истакнува портпаролката на најголемата опозициска партија, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели.

-Тоа е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, кои имаат само една цел, да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Од катастрофалните економски политики на власта, од ниските плати кои не растат, од неисполнетите ветувања, од скандалите кои секој ден ја тресат владата. Растечко незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски, порачаа од „Бихаќка“.