Македонскиот пазар на недвижности во 2025 година забележа вкупен промет од рекордни 1,14 милијарди евра, што претставува раст од 12,9% во споредба со претходната година. Според најновиот годишен извештај на Агенцијата за катастар, становите остануваат најдоминантен сегмент со учество од 48% во вкупната вредност, додека скопските општини Центар, Аеродром и Карпош се неприкосновени лидери по бројот на трансакции и висината на цените.
Пазарот на недвижности во 2025 година е стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини и позитивни економски трендови, покажува годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности на Агенцијата за катастар на недвижности.
Становите остануваат најдоминантен сегмент на пазарот и учествуваат со 33% вовкупниот број на купопродажби и дури 48% од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9%, нивната вредност пораснала за 10,8%.
Најактивни општини се Центар, Аеродром и Карпош, кои исто така, имаат и највисоки просечни цени на становите од 1.692 евра/м²; 1.558 евра/м² и 1.419 евра/м²
Најскап стан лани бил продаден во Аеродром за 166 500 евра, а во оваа општина е постигната и највисока цена по квадрат – 3 784 евра за квадратен метар.
Најскапо продадени куќа и деловен простор биле во Општина Центар. За куќата биле платени 1,5 милиони евра, а за деловниот простор 6,8 милиони евра.