Комисијата за заштита на конкуренцијата по неколку месечно интензивно истражување утврди постоење на нов картел во Македонија, овојпат во осигурителниот бизнис. Имено, постапувајќи по барање добиено од страна на Министерството за финансии, Комисијата започна постапка против 10 осигурителни компании во Македонија, заради постоење на основи на сомневање дека истите се здружиле во картел кој е директно на штета на граѓаните и стопанството во Македонија.
-Десетте осигурителни компании кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во месец Април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила, појаснуваат од КЗК.
Заради целосно документирање на случајот и покренување на соодветна прекршочна постапка против сторителите, Комисијата за заштита на конкуренцијата изврши низа увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – КАРТЕЛ.
-Доколку по завршување на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против десетте осигурителните компании ќе бидат изречени казни заради сторениот прекршок, стои во соопштението.
По откритието на КЗК дека четири ланци маркети картелски се здружиле за да влијаат на цените во продавниците, Комисијата на 20 и на 21 овој месец изготви два заклучока за прекршочни постапки. Првиот документ е со Заклучок за поведување на прекршочна постапка од 20.02.2025 година и е против Сојузот на стопански комори (ССК) и трговските компании „Веро“, „Тинекс“, „КАМ“ и „Рептил“ и нивните застапници, додека вториот Заклучок од 21.02.2025 година е само против Сојузот на стопански комори.