Лајчак по средбата со Курти: Очекувавме поголемо разбирање

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Петмина меѓународни претставници, предводени од специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се на Косово, каде што се сретнаа со премиерот Албин Курти, по кои ќе го посетат Белград и ќе разговараат со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Лајчак изјави дека средбата со Курти не била лесна и дека од него очекува повеќе разбирање за предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Србија.

„Целта на средбата со Курти беше нашиот предлог за нормализација на односите, кој го презентиравме во септември, а потоа и во декември. Поминавме повеќе од два часа, средбата беше долга, не беше лесна, но беше искрена и отворена. Сè уште е рано да се даде каква било драматична изјава, бидејќи како што знаете, ние сме на средина на нашата мисија и ќе патуваме и за Белград“, изјави Лајчак, пренесe Танјуг.

Целта на посетата на американско-европскиот тим на дипломати е подготовка на следната рунда од дијалогот, предводена од премиерот на Косово и претседателот на Србија. Во делегацијата се и германски, француски и италијански дипломати.

Американските власти претходно изјавија дека двете страни треба да покажат подготвеност за компромис и дека конечниот договор ќе бара тешки избори и политичка храброст.

По Приштина, меѓународните претставници ќе останат во Србија, каде ќе се сретнат со Александар Вучиќ.

Слични содржини