Од ЗНАМ соопштуваат дека Центар добива нов симбол – плоштад кој ќе го обедини градот и ќе внесе нов живот во секој негов дел. Со голема гордост и возбуда ја најавуваме реализацијата на проектот „Плоштадот на заедништвото – ФЕНИКС“, модерен, зелен и жив плоштад кој ќе стане новото срце на Скопје и гордост на центарци.
„ФЕНИКС е симбол на обнова, нова енергија и заедништво. Место каде што ќе се среќаваат луѓето, ќе се создаваат спомени и ќе расте духот на Центар. Со овој проект градиме иднина што инспирира, поврзува и обединува,“изјави Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ.
Плоштадот ќе биде отворен простор за културни настани, концерти, изложби, семејни активности и дружења, создавајќи ново место за живот и инспирација во срцето на градот.
Според ЗНСМ, овој проект не е само урбанистичка замисла – тоа е визија за град по мерка на човекот, каде архитектурата, природата и заедништвото се дел од истата приказна.
-Со модерна пешачка зона, зелени површини и простор за одмор, ФЕНИКС ќе го врати она што најмногу недостига – чувството на припадност, мир и убавина во средиштето на градот.
Особено важно е што во рамки на проектот се предвидени подземни паркинг места, со што конечно се решава еден од најголемите предизвици за жителите на Центар и се ослободува јавниот простор за пешаци и зеленило.
ФЕНИКС е новата енергија на Центар – симбол на град што се подига, се обновува и повторно верува во себе. Тоа е место каде што ќе се среќаваат генерации, ќе се раѓаат идеи и ќе се гради иднината, порачуваат од партијата на Максим Димитриевски.