Лабудовиќ најавува дека Центар ќе биде општина што создава можности за младите претприемачи

Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук

„Центар има огромен потенцијал – полн со креативност, младост и идеи кои чекаат да добијат шанса,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија за развој на локалната економија и поддршка на младите и малите бизниси.

Лабудовиќ потенцира дека локалната економија е моторот што ја движи општината и дека токму Центар, како срцето на главниот град, треба да биде пример за иновативна, креативна и динамична средина што ги охрабрува луѓето да создаваат. Неговата цел е јасна – да се создаде општина што ќе ги поддржува малите креативни бизниси и младите претприемачи, затоа што токму тие се двигателот на секоја современа економија.

Во таа насока, Лабудовиќ најави формирање на Фонд за поддршка на локалната економија, кој ќе обезбеди реална поддршка за сите што имаат храброст да започнат сопствена идеја и да ја претворат во успешна приказна. Преку овој фонд, младите претприемачи, занаетчии, дизајнери и уметници ќе имаат пристап до финансиски грантови, менторска помош, стручни обуки и ресурси што ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал.

„Ќе им дадеме шанса на младите и на сите храбри луѓе што сакаат да создаваат нешто свое, токму овде, во Центар. Нашата обврска како локална власт е да им дадеме алатки, знаење и поддршка, а тие ќе го вратат тоа преку труд, креативност и нова енергија во нашата општина,“ истакна Лабудовиќ.

Во програмата се предвидува и модернизација на трговските улици, пазарите и занаетчиските простори со цел да се создадат подобри услови за работа и развој. Центар ќе биде општина која не ги гуши своите таленти, туку ги поттикнува. Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени. Тие простори ќе станат нови креативни точки во кои ќе се среќаваат идеите, уметноста и бизнисот, создавајќи мрежа на современи маалски центри за развој.

Паралелно со ова, Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи, кои ќе ја вратат енергијата во срцето на градот. Овие настани ќе им овозможат на локалните производители, уметници и занаетчии да го претстават својот труд пред јавноста, да создадат нови партнерства и да ја раздвижат економијата на Центар.

„Центар мора да живее преку своите луѓе – преку занаетчиите, уметниците, малите претприемачи и младите кои веруваат дека тука можат да успеат. Ќе ја поддржиме нивната храброст, затоа што во нивните идеи се кријат идните успеси на нашата општина,“ порача Лабудовиќ.

Во рамки на економската стратегија ќе се развиваат и јавно-приватни партнерства со домашни компании и институции за финансирање на локални инфраструктурни и креативни проекти, како и воведување дигитална платформа за локален развој. Преку неа, граѓаните и претприемачите ќе можат да аплицираат за поддршка, да пријавуваат идеи и да следат како се реализираат општинските проекти.

„Време е Центар повторно да стане место каде што храброста и младоста се поддржани, каде што идеите добиваат шанса, а секој труд е вреднуван. Да им дадеме сила на младите – затоа што во нивните идеи е идната економија,“ заврши Лабудовиќ.