Зголемените каматни стапки на Европската централна банка (ЕЦБ) штотуку почнуваат да влијаат на економијата и нивниот ефект може да се засили поради превирањата во банкарскиот сектор, изјави денеска претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
„Ако, на пример, банките почнат да применуваат поголема посредничка разлика, односно бараат повисоки каматни стапки за зголемен ризик од кредитирање, влијанието на каматните стапки на ЕЦБ може да се зголеми“, рече Лагард, пренесе „Ројтерс“.
Таа ја потврди решеноста на ЕЦБ да ја врати инфлацијата во еврозоната на ниво од два отсто, од 8,5 отсто претходниот месец.
„За да се ублажат инфлаторните притисоци, важно е нашата монетарна политика да работи силно во рестриктивна насока“, рече таа.
ЕЦБ ја зголеми стапката на банкарските депозити и се очекува дополнително зголемување на 3,5 отсто во текот на годината.