Лахбиб: Од Косово и Србија очекуваме деескалација, дијалогот е единствениот пат кон траен мир

од Radmila Tasevska
252 прегледи

Министерката за надворешни работи, европски прашања, надворешна трговија и сојузни институции на Белгија, Хаџа Лахбиб, која денеска престојува во официјална посета на Косово, изјави дека главна тема на разговорите со нејзината домаќинка, косовската министерка за надворешни рабооти и дијаспора, Доника Грвала, биле напорите за изнаоѓање решение за споровите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На заедничката прес-конференција со Грвала, Лахбиб рече дека, и покрај напредокот што досега е постигнат, со оглед дека тензиите продолжуваат да бидат високи, дијалогот меѓу Приштина и Белград е единствениот начин за долгорочен мир меѓу двете држави.

– Дијалогот меѓу Приштина и Белград беше суштинска тема, која ја покренав и вчера во Белград. Истата порака ќе ја пренесам и тука. Постигнат е значителен напредок во нормализирањето на односите, но тензиите остануваат високи. Напредок може да се постигне единствено со дијалог. Одговорот што го бараме е деескалација и посветеност на процесот на нормализација. Ова е единствениот начин да се дојде до траен мир кој, на двете страни ќе им даде иднина на интеграција во ЕУ, рече Лахбиб.

Таа рече дека Косово и Белгија треба да застанат еден покрај друг во актуелните предизвици.

– Имајќи ги предвид геополитичките предизвици, цврсто верувам дека треба да останеме што е можно поблиску еден до друг како вистински партнери и пријатели какви што сме, рече Лахбиб напоменувајќи дека нејзината држава е меѓу првите кои ја признаа косовската независност и дека двете земји ги поврзува и постојано растечката дијаспора од Косово во Белгија.

Шефицата на косовската дипломатија, Грвала рече дека на средбата ѝ се заблагодарила на својата белгиска колешка за посветеноста на Кралството Белгија да му помогне на Косово во градењето на државата.

– Денеска сме тука да направиме уште еден чекор напред во продлабочувањето на нашите односи. Ја информирав министерката за развојот што го направи Косово во поглед на владеењето на правото и економскиот развој. Долго разговаравме за безбедносните предизвици со кои можеме да се соочиме само заедно. Разговаравме за дијаспората што ја имаме во Белгија, која е мошне добро интегрирана и која дава придонес за двете земји, рече Грвала.

Слични содржини