Лајчак: Проширување до 2030-та е можно, ако Западен Балкан не го искористи моментот, тука се Украина и Молдавија

од Vladimir Zorba
241 прегледи

Регионот на Западен Балкан не изгледа добро и сите се плашат дека духовите од минатото може да заживеат, изјави денеска во Будва специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, додавајќи дека ситуацијата меѓу Србија и Косово се влоши по конфликтот на 24 септември, што е „предизвик за целиот регион, а не само за тие две земји“.

Зборувајќи за проширувањето, Лајчак посочи дека првпат гледа дека ЕУ е поподготвена за Западен Балкан отколку што Западен Балкан е подготвен за Унијата.

Тој рече дека во последните години ЕУ го напуштила политичкиот дел и проширувањето го свела на технички процес, што резултирало со ретроградни тенденции во регионот и намалување на нивото на доверба во Унијата.

„Отсуството на ЕУ во регионот во изминатите неколку години создаде простор што другите го користеа, но ЕУ сега е сериозна, разговорите се во тек и се подготвуваат процеси за нови членки“, посочи Лајчак.

Истакна дека важен показател е изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед, дека ЕУ и нејзините земји членки треба да се погрижат да бидат подготвени за членство до 2030 година.

„Ова не е прв рок што го слушаме, но мојата порака до вас и до регионот е сериозно да го сфатите овој момент. Можеби ќе се најдеме во ситуација Украина и Молдавија да ја искористат оваа можност, но Балканот не“, рече Лајчак.

Како што наведе, ЕУ сака да покаже дека не се врти кон исток и дека му врти грб на Балканот.

„ЕУ сака да покаже дека сме подеднакво посветени на Балканот, но ни требаат добри примери и позитивни, успешни приказни од Балканот“, рече Лајчак.

Слични содржини