Лајчак: Србија и Косово постигнаа целосен напредок во преговорите

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак денеска во Брисел изјави дека е постигнат „целосен напредок“ во преговорите меѓу лидерите на Србија и Косово за претходно отворените теми во рамките на дијалогот под покровителство на Унијата.

„Разговаравме за економската соработка и исчезнатите и раселените лица, теми што ги отворивме на претходниот состанок. Среќен сум што објавувам дека постигнавме целосен напредок во разговорите“, рече Лајчак по денешната рунда разговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти.

Лајчак изјави дека е важно двајцата лидери утрово да потврдат дека им даваат „најголем приоритет“ на интеграцијата во ЕУ и на продолжувањето на работата во рамките на дијалогот, оценувајќи дека тоа е „клучот за напредок на европскиот пат“ на Србија и Косово.

„Денес, за прв пат разговаравме за аранжманите во врска со малцинските заедници (на Косово), меѓусебните побарувања и имотот, како дел од патот кон сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, рече Лајчак.

Тој додаде дека следната средба во рамките на бриселскиот дијалог ќе биде посветена на тие две теми.

„Денешните преговори беа напнати, како и обично, но преовладуваше волјата на обете страни, и покрај болните и сложени прашања на масата. Следната недела ќе има состанок на експертско ниво, и на високо ниво подоцна овој месец“, рече Лајчак.

По средбата, Вучиќ рече дека тие „во суштина ги усогласиле“ прашањата за исчезнати и внатрешно раселени лица и економски прашања и дека отвориле две нови теми, прашањето на Заедницата на српски општини (ЗСО) и финансиските побарувања што двете страни си ги посочуваат едни на други.

Шефовите на преговарачките тимови на Србија и Косово, Марко Ѓуриќ и Скендер Хисени, ќе ги продолжат разговорите за ЗСО на 17 септември, а следниот состанок на највисоко ниво е планиран за 28 септември во Брисел, рече Вучиќ.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ продолжи во јули со средбите меѓу Вучиќ и Хоти, по пауза од 20 месеци, поради воведување 100% косовски даноци за увоз на стоки од Србија, а потоа и реципрочни економски мерки. Денешната средба меѓу Вучиќ и Хоти беше трета по обновувањето на дијалогот и втора лице во лице.

Слични содржини