„Лајка“ му возврати на Ѓорѓиевски: Општина Кисела Вода ни должи 5,35 милиони денари

од Nikola Popovski
174 прегледи

ЈП „Лајка“ за третман на бездомни кучиња информира дека со длабоко разочарување ја примиле неодамнешната изјава на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во која се тврди дека „Лајка“ не е ефикасна во справувањето со проблемот со бездомните кучиња. Оттаму велат дека оваа изјава, за жал, јасно демонстрира непознавање на проблематиката, и покрај тоа што во повеќе наврати се имаме понудено за соработка, консултации и координација, како кон Општина Кисела Вода, така и кон ЗЕЛС.

„Ниту еднаш не добивме позитивен одговор, што укажува на сериозен недостаток на волја и интерес за вистински системско решавање на овој децениски проблем. Проблемот со бездомните кучиња е комплексен и мултисекторски. Решението не лежи во едно претпријатие или една институција, туку бара здружен напор на локалната и централната власт, институции, образовниот сектор и пошироката јавност. Како пример, никаде во изјавата не се споменуваат надлежните институции како Агенцијата за храна и ветеринарство, која има клучна улога во контролата на изворот на проблемот – односно неодговорното сопствеништво, неконтролираното одгледување и продажба на кучиња. Исто така, Министерството за внатрешни работи има надлежности поврзани со надзор и санкционирање на несовесните сопственици, додека општините, меѓу кои и Општина Кисела Вода, имаат обврски и механизми кои досега не ги искористиле. Во конкретниот случај, Општина Кисела Вода, има склучено договор со Лајка, според истиот има обврска да уплатува 2.000.000 денари годишно за заловување и хуман третман на бездомни кучиња. Но, од основањето на Лајка во 2021 година, има исплатено вкупно само 1.650.000 денари со што должи 5.350.000 денари што ја прави најголем должник од сите општини во градот Скопје. Па, ако веќе се говори за (не)ефикасност, најнапред треба да се постави прашањето: како очекувате резултати без да ги обезбедите средствата предвидени со договор, прашуваат од „Лајка“.

Набројуваат дека „Лајка“ постапува 100% по сите пријави од граѓаните, организира таргетирани заловувања во сите општини и работи на подигнување на јавната свест преку кампањи, медиумска застапеност и едукации во училишта и градинки, а само во Кисела Вода, податоците од мониторингот покажуваат дека 71.48% од популацијата на улични кучиња има поминато хуман третман од кои 142 кучиња се успешно вдомени или 25% од заловените се трајно тргнати од улиците на општината – што е показател за доследна и посветена работа и покрај тоа што општината 3,5 години не ги подмирува своите договорни обврски према ЈП Лајка.

Сметаат дека „Лајка“ не може и не треба сама да го реши проблемот со бездомните кучиња, како што инсинуира Ѓорѓиевски, туку контролата на популацијата бездомни куќиња може да се направи само со спречување создавање нови бездомни кучиња – за што одговорноста е пред сè на локалната самоуправа и државните институции.

„Ги повикуваме сите кандидати за идни градоначалници, особено оние кои досега имале функција со надлежности поврзани со ова прашање, првин да покажат личен и институционален ангажман, а потоа да даваат изјави со кои се дискредитира работа што не ја разбираат или не се потрудиле да ја поддржат“, велат од „Лајка“ од каде се отворени за соработка со секој кој има искрена волја и разбирање за хуман третман и контрола на популацијата на бездомни кучиња.