Прифатилиштето на ЈП Лајка ја отпочна кампањата за подигнување на свеста против борбите со кучиња.
„Борбите најчесто завршуваат со брутални убиства, злоупотреба и измачување на кучињата. Кучиња кои се користат за овој суров профитерски спорт најчесто живеат во лоши услови, сопствениците ги прегладнуваат, тепаат, обидувајќи се да ги направат што поагресивни“, велат од „Лајка“.
Во прифатилиштето на ЈП Лајка досега се спасени 4 кучиња кои биле измачувани и злоупотребувани за борби, од кои за жал едното ја изгуби битката за животот.
„Во насока на санкционирање на сторителите иницирани се повеќе правни постапки: Борбите се забранети според Законот за заштита и благосостојба на животните (Сл.весник на РМ 113/07) и во него се предвидени прекршочни санкции за организаторите и учесниците. Борби со кучиња се кривично дело според Кривичниот закон член 233, тој којшто грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци“, стои во соопштението.