Лајпциг за прв пат го смени тренерот на средина од сезоната

од Vladimir Zorba
271 прегледи

РБ Лајпциг го назначи 36-годишниот Доменико Тедеско за нов тренер, а договорот е потпишан до крајот на сезоната 2022/2023.

Лајпциг ангажираше нов тренер откако Џеси Марш го напушти клубот во неделата, по трите последователни порази во Бундеслигата и неуспешниот обид да го одведе тимот во нокаут фазата од Лигата на шампионите, во групата во која беа Манчестер Сити и Пари Сен Жермен.

Тој имаше тешка задача повторно да го изгради тимот, по заминувањето на неколку важни играчи.

Тедеско не работи во Бундеслигата откако беше отпуштен од Шалке по поразот со 0:7 од Манчестер Сити во Лигата на шампионите во март 2019 година.

Потоа две сезони беше тренер на Спартак Москва, која ја напушти во мај, бидејќи сакаше да се врати кај своето семејство за време на пандемијата на коронавирус.

За прв пат откако е основан во 2009 година, Лајпциг го смени тренерот среде сезона. Тимот моментално е 11-ти на табелата во Бундеслигата, в сабота ќе се сретне со Борусија Менхенгладбах, а напролет ќе игра во нокаут фазата од Лигата на Европа.

Слични содржини