Францускиот фудбалер Александре Лаказет ќе си замине ова лето, по истекот на договорот со Арсенал, потврди лондонскиот клуб.
Лаказет пристигна во Арсенал од Лион во 2017 година, а за тимот од Лондон на 206 натпревари постигна 71 гол.
„Лаказет беше вистински играч за нас. Тој беше вистински лидер на теренот и надвор од него. Имаше големо влијание врз нашите помлади играчи. Му посакувам нему и на неговото семејство успех и среќа“, изјави менаџерот на Арсенал, Микел Артета, пренесе Скај Спорт.
Оваа сезона Лаказет на 36 одиграни натпревари постигна само шест гола.
„Голема благодарност до Лаказет. Тој секогаш ќе биде дел од семејството на Арсенал и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави техничкиот директор на Арсенал, Еду.
Лаказет се афирмираше во францускиот Лион за кој постигна 129 гола. Британските медиуми пренесуваат дека Лаказет летово би можел да се врати во Лион.