Ламин Јамал повторно е во центарот на вниманието на светската фудбалска јавност. Во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Интер (3:3), тинејџерското чудо од Барселона го одигра својот стоти настап за сениорската екипа – и тоа на само 17 години. Вечерта беше дополнително одбележана со неговиот гол за 1:2, со кој стана најмладиот стрелец во историјата на полуфиналињата во Лигата на шампионите.
Овој подвиг е уште еден потсетник дека пред нас расте играч од посебна класа, играч за кој ќе се зборува долго време. Но, приказната за неговото име е исто толку интересна како и неговата игра. Имено, на дресот е напишано името Ламин Јамал, но ниту едно од нив не е неговото презиме. Целосното име на овој бисер од Барселона е Ламин Јамал Насрауи Ебана.
„Насрауи“ е презимето на неговиот татко, а „Ебана“ на неговата мајка. „Ламин“ и „Јамал“ се лични имиња, а според „Спењиш Трибјун“, родителите ги избрале во чест на двајца пријатели кои им помогнале да ја платат киријата во еден од најтешките периоди од нивниот живот. Таткото на Јамал потоа се заколна дека ако има син, ќе ги носи нивните имиња. Значењата на овие имиња дополнително ја зголемуваат нивната симболика. „Ламин“ значи „чесност“ на арапски, додека „Јамал“ значи „убавина“. Убавината што Јамал ја внесува на теренот со секој допир на топката е причината поради која, со право, целиот фудбалски свет го обожава.