Над 66.5 милиони евра остварен приход по основ на наплата на патарини во 2024 година, информира денеска Јавното претпријатие за државни патишта. Во споредба со 2023 година тоа се повеќе од 270 милиони денари или над 4.32 милиони евра повеќе.
Во однос на вкупната фреквенција на возила за 2024 година има 62.662.988 поминати возила со наплатени 99,2 %.
-За намалување на бројот на таканаречените неплаќачи ЈПДП во периодот од август до декември 2024 организираше 23 акциски контроли заедно со Државниот инспекторат за транспорт и со асистенција од МВР, со што може да се констатира дека имавме повеќе од успешна година, наведоа од претпријатието со кое раководи Коце Трајановски.
Од отпочнување на електронската наплата на 3-ти јули 2019 до 20-ти декември 2024 година, продадени се вкупно 242.080 електронски уреди од кои, 203.828 м-смарт картички и 38.252 м-таг уреди. За тој период направени се вкупно и 1.842.224 поединечни надополнувања на електронските уреди на различни суми, а вкупната сума за надополнувања досега изнесува 3.509.815.300 денари.