Лапорта: Бев изненаден од одлуката на Чави, не сум размислувал да го отпуштам

од Vladimir Zorba
252 прегледи

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта даде долго интервју за каталонското радио „RAC1“ во кое зборуваше за ситуацијата во клубот. Каталонците имаа тешки последни неколку недели. Тие претрпеа тежок пораз од Реал Мадрид во финалето на Суперкупот, а потоа испаднаа од Кралскиот Куп.

Разочарувачкиот настап во првенството продолжи со пораз од 3:5 против Виљареал. По тој натпревар Чави Ернандез најави дека ќе си замине на крајот од сезоната. Лапорта изјави дека е изненаден од одлуката на Чави и во ниту еден момент не размислувал да го отпушти.

„Во моментов сме во спортска ситуација која не ја планиравме, но нема да „фрламе пешкир“. Веста за Чави ја слушнав по натпреварот со Виљареал. Тоа беше изненадување за мене бидејќи не го планиравме. Чави е чесен човек. Отпрвин мислев дека причината е поразот, но потоа видов дека одлуката е обмислена. Размислив и верував дека тоа е најдоброто нешто за клубот. Му реков дека ако треба да се бориме тој да остане, ќе го направиме тоа. Му реков дека го прифаќам тоа само затоа што тоа е тој. Поради тоа што му го даде на клубот и неговиот професионализам. Тој го води клубот низ тешки времиња. Минатата година го освои првенството и Суперкупот“, сподели Лапорта.

Тој додаде дека и покрај разочарувачките резултати, идејата за отпуштање на Чави никогаш не му паднала на ум: „Сите имавме чувство дека го подобривме тимот, но работите тргнаа наопаку. Никогаш не сум размислувал да го отпуштам. Секогаш сакавме тој да биде тренер на Барса. Сакам Чави да продолжи до крајот на сезоната. Нема да го отпуштам без разлика на се. Не го заслужува тоа. Тој ја заслужува нашата доверба“.

„Не се предаваме во првенството, ќе се сретнеме со Наполи во Лигата на шампионите. Чави е многу мотивиран. Не се сомневам во него и во мотивацијата и посветеноста на играчите. Сè уште можеме да победиме. Ако победиме во следните два натпревари, се може да се случи. Не размислувам за дербито со Реал, сакам да го победам Алавес“, ја коментираше битката за титулата во Шпанија.

„Навивачите знаат од каде почнавме и зошто сме во ваква состојба. Го спасивме клубот финансиски, во фаза на опоравување сме. Ако го оствариме буџетот што го зацртавме како цел за оваа година, ќе го спасиме клубот“, додаде претседателот.

Лапорта зборуваше и за процесот на потрага по нов тренер: „Потрагата по нов тренер е во рацете на Деко. Работиме на различни опции. Деко ќе одлучи. Не сум разговарал со ниту еден тренер. Мора да дојде човек со одредено искуство, ако не донесеме друга одлука“.

Запрашан дали Пеп Гвардиола би можел да се врати, тој одговори: „Тој има договор со Манчестер Сити и ние ги почитуваме договорите. Често разговарам со него и знам какво е мислењето за него во клубот“.

Лапорта ја објасни и моменталната финансиска состојба на клубот: „Доколку се почитува финансискиот фер-плеј, ова е крај на една фаза што ја наследивме. Имаме буџет кој доколку се реализира ќе ни донесе приходи. Го намаливме буџетот за спортски плати за 172 милиони евра. Беше 98% а сега е 57%. Ни требаат нови приходи, нови спонзори, помага и продажбата на играчи“.

Слични содржини