Трансфер потезите на Барселона ова лето наведоа многу европски клубови да изразат сомнеж за тоа како функционираат Каталонците. Шпанскиот гигант имаше сериозни финансиски проблеми, но сепак направи брилијантна селекција и привлече играчи за сериозни суми. Од Баерн и Челси беа најкритични, но многу други се прашуваат како Барса успева да ги направи овие трансфери. Претседателот на Каталонците, Жоан Лапорта, одговори на критичарите во Њујорк, каде тимот го објави своето партнерство со агенцијата за бегалци на ОН.
За критиките на тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, Лапорта вели: „Треба да си ги погледнат сметките, добија сериозна сума од трансферот на Левандовски. Ги почитувам сите и не се мешам во туѓи работи. Нашите конкуренти гледаат дека правиме добра селекција и играчите сакаат да дојдат во Барса. На изненадените од ова би им рекол дека сме живи, се вративме и може да има уште изненадувања. Градиме одличен тим, како што сакаше тренерот. Чави, Барса и играчите го заслужуваат овој напор за да можат да се борат за трофеи“.
„Веројатно не мислеа дека можеме да го направиме ова, но овие луѓе не ја ценат силата на Барса и можностите на новата управа. Ова е незнаење, неинформираност за клубот. Лостовите што ги користевме не направија посилни. Веќе ја свртевме страницата. Барса има 120-годишна историја и имот со голема вредност, далеку поголема од оние на другите клубови“.
„ТВ правата се за 25 години, а не за 50 како што некои кажаа. Имаме пресметано 667,5 милиони евра. Затоа, добро ја вршиме работата. Би сакал да не го сторам тоа, но моравме да го направиме тоа затоа што беше потребно и фудбалот не чека. Имаме над 400 милиони фанови кои бараат повеќе од нас. Ќе се бориме на теренот и ќе видиме кој каква работа завршил. Не го велам ова, за да се расправам, но нека си се грижат за нивните клубови“, им прокоментира Лапорта на клупските критичари.