Новинарот Драган Павловиќ-Латас и инфлуенсерот Стефан Лазаров денеска од Основниот кривичен суд порачаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Латас пред Судот рече дека не се чувствува виновен и дека обвинението е тенденциозно.
Не се смета за виновен бидејќи, како што рече, во самото обвинението се цитира реченицата во која е нагласен мотивот за да се напушти средината со такви појави.
– Какво е тоа смеење и кои се целите на тоа смеење, што спаѓа во рамки на друга струка за која вообичаено и во процеси на клевета, се бара мислење од стручно лице психолог или психијатар кој оценува дали и какви смеење има, изјави Латас, нагласувајќи дека тоналитетот на неговото смеење бил ист низ целата емисија, како и во конкретниот дел изведен од обвинителството.
Обвинетиот Стефан Лазаров, исто така, изјави дека не се чувствува виновен.
-Самите две минути, според мене, се извадени од контекст. Сметам дека треба да се помине целата емисија за да се увиди мотивот на гостинот. Искажан став не значи и искажана ситуација која што се случила некогаш во неговиот живот, а моето смеење на истата не значи дека оправдувам и промовирам насилство врз жени, кажа Лазаров.
Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.
Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан, образложија од Основното јавно обвинителство.
Според Кривичниот Законик, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.