Во Кривичниот суд денес со сослушување на сведоци, продолжи рочиштето за случајот „27 април“.
Во рамки на судењето, денес сведочеше поранешниот градоначалник на општина Бутел, Петре Латиновски, кој потенцираше дека во 2016 и 2017 година, додека ја извршувал функцијата, никогаш во градскиот комитет не дискутирале за протестите „За заедничка Македонија“.
Исто така, тој негираше дека имал контакт со Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски за протестите и потенцираше дека доколку има доказ за тоа е подготвен да ја сноси својата одговорност.
Прашан дали имал организирано вработени од општината за да учествуваат на протестите пред Собранието, Латиновски рече дека такво нешто ниту правел, нити пак имал сознанија за такво нешто.
„Никаков притисок кон ниту еден вработен немам направено, ниту ми паднало нешто такво на памет. Ниту пак сум имал сознанија за такво нешто“, истакна Латиновски.