Лаутаро: Интер може да испише историја

од Vladimir Zorba
53 прегледи

Фудбалерот на Интер, Лаутаро Мартинез, призна дека бил исклучително загрижен од можноста да го пропушти натпреварот со Барселона. Сепак, тој беше на теренот за реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите, во кој дури и го запиша своето име меѓу стрелците.

„Чувствував болка во ногата и првите два дена само седев дома и плачев, но одлично се снајдовме со тимот и успеав да се опоравам, иако не бев 100 проценти подготвен. Така го доживувам фудбалот, мора да дадеш сè од себе во овие натпревари. Му ветив на моето семејство дека денес ќе излезам на теренот“, рече Мартинез по натпреварот.

Аргентинскиот репрезентативец беше видливо емотивен и се мачеше да ги задржи солзите додека разговараше со новинарите.

„Многу мисли ми поминуваат низ глава. Се соочивме со силен тим, но Интер го крева своето ниво четири или пет години, секоја година, и ние сме горди на тоа. Овој тим никогаш не се откажува, а стадионот е неверојатен со овие навивачи“, додаде Мартинез.

Интер сега ќе се соочи или со Арсенал или со Пари Сен Жермен во финалето во Минхен, кое е закажано за сабота, 31 мај. Ова ќе биде второ финале за „нероазурите“ во последните три години, откако загубија со 1-0 од Манчестер Сити во Истанбул во 2023 година.

„Размислувавме за ова уште од денот откако го загубивме финалето. Сега мора да ја вратиме енергијата, добро да ја завршиме сезоната и да знаеме дека имаме уште една можност да испишеме историја“, заклучи Мартинез.

Слични содржини