Дел од министрите и шефови на делегации на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје го бојкотирале говорот на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Во знак на бојкот, тие излегле од салата, додека зборувал рускиот министер, а дел од нив уште пред да започне неговото обраќање.
Тој изјавил дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е пред колапс и дека Западот ги убива шансите за заживување на таа организација. Лавров додаде дека перспективите на организацијата се нејасни и потсети дека организацијата е уништена во 1999 г.
При својот говор, рускиот министер му се обратил на еден од присутните членови, кој очигледно го прекинал во обраќањето, со зборовите: „Извинете може ли да ме оставите на мира, ве молам? Ви благодарам“, што можеше да се види од официјалниот видео-пренос од првата сесија на Самитот.
Моментот може да го видите на 1:40:45.
Тој се осврнал и на санкциите кои Западот и ги воведе на Русија.
„Во обид да ја уништат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рекол Лавров меѓудругото.
Рускиот министер во салата бил седнат помеѓу министрите на Романија и Сан Марино. Откако го завршил говорот, тој ја напуштил главната сала.
Данскиот шеф на дипломатијата Ларс Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со саркастична оценка „толку од дијалогот“, бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.
Лавров и утре ќе биде присутен во Скопје, при што има најавено и прес-конференција.