Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го отфрли извештајот на агенцијата АП дека е хоспитализиран по пристигнувањето на Бали на самитот Г20 и предупреди дека западните новинари треба да ја соопштуваат само вистината.
„Тие веќе десет години пишуваат дека нашиот претседател (Путин) е болен. Ова е еден вид игра што не е нова во политиката“, вели Лавров (72) во видеото објавено на неговиот канал на Телеграм.
Во исто време руската агенција ТАСС објави дека Лавров изјавил дека е во својот хотел и се подготвува за утрешниот самит на Г20.
Гувернерот на Бали, Ивајан Костер изјави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров отишол во болница на преглед, и истата ја напуштил во добра здравствена состојба.
„Беше однесен во болницата Санглах на преглед и веднаш потоа беше пуштен“, изјави гувернерот на Бали, Ивајан Костер.
Новинската агенција АП денеска објави информација од неименувани извори дека шефот на руската дипломатија е пренесен во болница поради проблеми со срцето.