Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повика на прекин на огнот и решавање на хуманитарните прашања како приоритет за намалување на тензиите во војната во Газа.
„После тоа, се разбира, потребен е механизам кој ја разгледува ситуацијата во поширок контекст“, изјави Лавров во Техеран, на маргините на дискусијата за нестабилноста во регионот на Јужен Кавказ, пренесе руската новинска агенција „Интерфакс“.
Тој контекст, рече тој, предвидува решение со две држави. Тој го обвини Вашингтон дека со години ја блокира работата на Квартетот за Блискиот Исток, кој го сочинуваат Обединетите нации, САД, Европската унија и Русија.
Покрај прекинот на огнот, Русија побара отворање на хуманитарни коридори за помош на населението во Појасот Газа со храна и лекови.
На состанокот на министрите за надворешни работи на Иран, Турција, Ерменија и Азербејџан во Иран, Лавров го критикуваше распоредувањето на американски воени бродови во источниот Медитеран како опасно мешање во конфликтот.
Колку повеќе такви чекори, „толку е поголема опасноста да се прошири конфликтот“, рече шефот на руската дипломатија.
Руското раководство, кое води војна против Украина, со денови повикува да се поштедат цивилите и цивилната инфраструктура. Во Украина, од почетокот на војната, руските напади убија илјадници цивили и уништија цели села и градови.