Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четвртокот, за време на посетата на Пјонгјанг, ја осуди американската политика кон Северна Кореја како „опасна“, истовремено пофалувајќи го „новото, стратешко ниво“ на односите меѓу Москва и нуклеарно вооружената држава, пренесе АФП.
Се очекува дводневната посета на ветеранот дипломат да ја постави основата за идното патување во земјата на рускиот претседател Владимир Путин, кого лидерот Ким Јонг Ун го покани минатиот месец на самит од висок профил на далечниот исток на Русија.
„Како и нашите севернокорејски пријатели, ние сме сериозно загрижени за интензивирањето на воените активности на САД, Јапонија и Јужна Кореја во регионот и политиката на Вашингтон… ние се спротивставуваме на оваа неконструктивна и опасна линија“, им рече Лавров на новинарите, јавија руските новински агенции.
„Ние сме против оваа неконструктивна и опасна линија“, додаде тој, истакнувајќи дека САД поставуваат „стратешка инфраструктура, вклучително и нуклеарни елементи“ во регионот, но без дополнително објаснување.