Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Советот за безбедност на Обединетите нации мора да продолжи да повикува на прекин на огнот во Појасот Газа, додавајќи дека дискусиите за „денот потоа“ се бесмислени.
„Советот за безбедност допрва треба да даде соодветен одговор за да се стави крај на конфликтот и да преземе чекори за да се спречи понатамошна дестабилизација на Блискиот Исток поради позицијата на САД, кои ставаат вето на резолуциите за прекин на огнот, што овозможува продолжување на колективното казнување на Палестинците“, рече Лавров на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на ситуацијата во Газа.
Тој изјави дека Русија испратила стотици тони помош за Појасот Газа и додаде дека Москва ги поддржува напорите на агенциите на Обединетите нации на терен.
„Неспособноста на Советот за безбедност доведе до ширење на конфликти во регионот, што претставува нов ризик за меѓународната безбедност“, додаде шефот на руската дипломатија.
Во овој контекст, рече Лавров, Советот за безбедност на ОН мора да продолжи да повикува на прекин на огнот.
„Се додека тоа не се случи, дискусиите за денот потоа се бесмислени“, порача рускиот министер.
Посочи дека Палестинците треба сами да одлучат за својата иднина.
„Мислам дека тоа е она што нашите западни колеги го нарекуваат демократија“, заклучи Лавров.