Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија побарала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради соборувањето на авионот во регионот на Белгород.
„Побаравме итен состанок на Советот за безбедност во 15:00 часот по њујоршко време и се надеваме дека француското претседателство совесно ќе ги исполни своите обврски и ќе го закаже што е можно поскоро“, рече Лавров на прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк, пренесува РИА Новости.
Лавров изјави дека во соборениот авион имало украински воени заробеници кои биле префрлени во регионот на Белгород, каде што денеска требало да се изврши размената на заробените војници, за која претходно се договориле Москва и Киев.
„Наместо размена, украинската армија го нападна авионот со противвоздушни ракети од областа Харков и имаше фатален исход“, рече Лавров.
Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека во регионот на Белгород бил соборен воениот транспортен авион „Иљушин 76“. Во него имало 65 украински војници кои биле превезувани за размена, шест членови на екипажот и три придружни лица.
Авионот летал од аеродромот Чкаловски во близина на Москва кон Белгород, а пред падот, радарската служба на руските воздушни сили снимила лансирање на две украински противвоздушни ракети од областа на селото Липци во областа Харков.