Руската делегација ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Скопје, бидејќи Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори воздушниот простор за руски авиони, изјавил денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Македонија не покани да присуствуваме на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ. Бугарија наводно ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако го направи тоа, ние ќе бидеме таму“, рекол Лавров на форумот „Примаковска читања“.
Лавров на меѓународниот форум оценил дека моменталната глобална ситуација во однос на безбедносната несигурност може да се спореди со ерата на Студената војна, пренесува ТАСС.
Владата во петокот одлучи да се тргне забраната за слетување на руски државни воздухоплови во земјава, односно надлежностите да им се дадат на Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана.