Лавров за бунтот: Пријателите нè поддржаа, за сите други апсолутно не ми е гајле

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека ситуацијата со обидот за бунт на 24 јуни нема да создаде тешкотии со партнерите и пријателите на Русија.

„Со партнерите и пријателите, не. За сите други – апсолутно не ми е гајле, да бидам искрен. Односите на колективниот Запад со нас беа уништени на негова иницијатива. Врските не постојат. Значи, една епизода повеќе или помалку, не гледам голема разлика“, изјави Лавров во интервју за РТ.

Министерот потсети дека рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати изјавил дека кога и ако Западот се вразуми и ѝ се обрати на Москва со некои предлози за обновување на односите во една или друга форма, тогаш ќе видиме што ќе побараат и каква била нивната улога во покренувањето хибридна војна против Руската Федерација.

„Имаше бројни повици до претседателот Путин, кои неговите колеги ги искористија за да изразат солидарност, поддршка, верба дека ситуацијата ќе биде под контрола, тие беа вратени на уставно поле, како што, всушност, се случи“, рече тој.

Во текот на ноќта на 24 јуни, во Ростов на Дон, силите на „Вагнер“ го окупираа штабот на Јужниот воен округ, по изјавата на Евгениј Пригожин дека руската авијација извршила напади врз камповите на таа воена група. Министерството за одбрана на Русија и Федералната служба за безбедност на Русија ги отфрлија овие наводи.

Рускиот претседател Владимир Путин дејствијата на „вагнерите“ ги нарече криминална авантура, а против Пригожин беше поведена кривична постапка за организирање вооружен бунт.

Подоцна прес-службата на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко објави дека тој преговарал со Пригожин, кој го прифатил неговиот предлог да се запре движењето на „Вагнер“ на територијата на Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во саботата навечер објави дека Пригожин ќе отпатува за Белорусија и дека кривичната постапка против него ќе биде прекината.

Слични содржини